Жители на селата околу депонијата Буково, денес со протест го изразија својот револт поради горењето на депонијата. Тие го блокираа пристапот на камионите на ЈП Комуналец.
Поддршка на протест даде и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Лидија Петкоска, која посочи дека оваа депонија гори со недели, во време кога туристичката сезона во Охрид е веќе започната, а чадот и непријатната миризба ги трујат и жителите и туристите.
– Иако решавањето на проблемот со депониијата Буково беше една од забелешките во Препораките од УНЕСКО, имаме градоначалник кој нема капацитет да се справи со овој проблем. Согласно Препораките од УНЕСКО, оваа депонија трбаше да биде затворена до крајот на 2020 година, истакна Петкоска и потсети дека следува период на локални избори, период на нови лаги од претставниците на власта, кои ќе ветуваат нови проекти иако ни еден единствен проект не реализираа од ветените за 2017 година, рече Петкоска.
Таа напомена дека народот и охриѓани многу добро се сеќаваат на ветувањето за отварање на фабрика за отпад-ветување со рок за реализација до 2019 година.
– Со отварањето на фабриката за отпад ќе се затвореа депониите кои се оценети како ризични за здравјето на луѓето. Ќе се намалеше загадувањето на воздухот. Ќе се искористуваше енергетската вредност на отпадот. Ќе се зголемуваше продуктивноста. Ќе се отвараа нови работни места. Фабриката ќе беше опремена и ќе функционираше во согласност стандардите на ЕУ. За тоа колку и што е реализирано од ова ветување, најдобар сведок е денешната слика од терен, нагласи Петкоска.
За крај, продолжи Петкоска, власта која за чудо во последно време почна да го почитува Уставот, ќе ја потсетам дека граѓаните имаат уставно загарантирано право на здрава животна средина.
– За жал, ниту до градоначалникот, ниту до надлежните институции не допираат нашите реакции како политичка партија, ниту пак, апелите од граѓаните кои секојдневно реагираат на социјалните медиуми, а и денес се тука за да го изразат својот оправдан револт. Следува време на избори, време во кое народот ќе ја казни оваа власт за да ја направи Македонија за сите луѓе, истакна Петкоска.
Граѓаните рекоа дека депонијата гори веќе три месеци, чади и ги труе жителите на околината. Се сомневаат дека на депонијата се спалуваат и работи кои не би смееле.
Тие открија дека фирмата која е задолжена да ја одржува депонијата воопшто не го прави тоа.
Граѓаните најавија блокади на патот Охрид – Ресен, доколку надлежните итно не превземат мерки.
фото: Охрид 24