МЛАДИТЕ ВО ОХРИД РАБОТЕА НА ПРЕДЛОГ-СТРАТЕГИЈА ЗА МЛАДИ

Во рамки на иницијативата “Од млади за млади Охрид” имплементирана од Тијана Тесалоника Шишкоска, со поддршка на НМСМ во соработка со ИФЕС и Швајцарската агенција за развој и соработка, денес во хотелот Unique во Охрид се одржа еднодневна работилница со цел учество на младите луѓе од Охрид во изработката на Студијата за Младинска стратегија на општина Охрид.


Во првиот дел од работилницата свое излагање зедоа Кирил Пецаков, пратеник во Собранието на Македонија и Вахид Мемед, претседател на Здружение за мултикултурна интеграција Инклузија.
Пецаков се осврна на односот кој општината треба да го има кон младите, особено кон младинското учество. Според Пецаков, значајно е младите, преку своите претставници во младинскиот совет и општината, да бидат слушнати за своите идеи и потреби.
Потоа, истите тие потреби треба да се адресираат во програмата на општината, се со цел реализација на проекти кои навистина ќе ги задржат младите во Охрид, а Охрид ќе го направат подобро место за живеење.

Додека пак, Вахид ја потенцираше улогата која младинските организации и организациите за млади (треба да) ја имаат во носењето одлуки на локално ниво, а особено во креирањето на стратешки политики за градот. Во понатамошниот дел, свое обраќање имаа и Димитар Манчев (советник во општината) и Александар Здравевски (член на советот на млади во општината), кои ја споделија со присутните моменталната состојба во претставничките тела на општината, недоволниот фокус на младински политики, како и неажурноста во работењето со и за младите од Охрид.


Работилницата продолжи со групна работа на детектирање на клучни приоритетни области кои треба да ги опфаќа идната Стратегија за млади, како и потцртување на клучните активности кои општината и други засегнати чинители треба да ги реализираат во понатамошниот период. Проектот “Од млади за млади Охрид” продолжува со изработка на Студија која ќе ги опфати сите овие процеси и очекувани активности, чија презентација ќе се случи во месец август.