Силниот дожд донесе нови поплави во Австрија и Германија, а бројот на загинати се искачи на над 180. Спасувачите и ноќеска трагаа по преживеани.
Германската полиција соопшти дека над 110 лица загинале само во округот Арвајлер, една од најпогодените области. Локалните власти стравуваат од зголемување на бројот на загинати.
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска го посети селото Шулд во близина на Арвајлер кое беше уништено од поплавите. Претходно поплавениот регион го посети германскиот претседател и изјави дека е потребна долгорочна поддршка за да им се помогне на преживеаните од поплавите кои ги загубија своите домови.
Министерот за финансии Олаф Шолц изјави дека на владина седница ќе предложи пакет за непосредна помош. Посочи дека ќе бидат потребни над 300 милиони евра за обнова на регионот. Тој додаде дека федералните влади мора да започнат со воспоставување програма за обнова, која, од искуство со претходните поплави, треба да биде во милијарди евра.