ЗАПОЧНА ДЕСЕТТОТО ИЗДАНИЕ „НА ЗАЈДИСОНЦЕ“ ВО ТРПЕЈЦА

Со пригодна свеченост, синоќа, започна десеттото издание на културно – забавната манифестација „На Зајдисонце“ во Трпејца. На отворањето пригодно обраќање имаше заменик – градоначалникот на Охрид, Ристо Николески.

  • Почитувани вљубеници во трпејчките зајдисонца, добровечер и добредојдовте на уште едно издание „На зајдисонце“ во преубавата Трпејца. Вечерва по десетти пат се собираме да го означиме почетокот на една од најавтентичните културно – забавни манифестации што се одржуваат во руралните средини. Дополнително радоста е поголема оваа година бидејќи се слави еден мал јубилеј 10 успешни изданија и само по себе „На зајдисонце“ прераснува во една традиционална манифестација. Групата ентузијасти која е најзаслужна за успешната реализација на „На зајдисонце во Трпејца“ пред десет години ја промовира идејата да на гостите, посетителите и мештаните на Трпејца им понуди културно забавни содржини, покрај прекрасниот амбиент и бистрите езерски води. Таа идеја веднаш наиде на поддршка во Локалната самоуправа, но и жителите на Трпејца ја препознаа и ја поддржаа замислата. Бројот на уметници, спортисти и културни дејци од година во година е се поголем, а следствено на тоа се зголемува и бројот на публиката. Деновиве во Трпејца ќе има една хармонична поврзаност, еден спој, кој ќе внесе нов дух на ова прекрасно место. Секоја година, во деновите кога се одржува „На зајдисонце“ постои поинаква енергија, различна од сите претходни години, која го обзема ова место. Она што радува е дека не се само убавините кои природата без штедење ги распростанила низ Трпејца, туку и културно – забавната манифестација е таа која повторно ги враќа гостите кои еднаш ја посетиле, но овој пат не сами, туку со сите оние кои поверувале во нивните кажувања и во убавите приказни, рече Николески.

Во рамки на десеттото јубилејно издание, ќе се одржат бројни музички и фолклорни настани, ликовни и театарски работилници.

Организатор на манифестацијата е Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ со поддршка Општина Охрид.