На 61-та Седница на Советот на Општина Охрид , советниците ја усвоија Предлог Одлуката за отстапување на времено користење простор и спроведување постапка за формирање Младински Центар Охрид. Оваа точка на дневен ред беше дел на предлог на градоначалникот Константин Георгиески.
Со оваа одлука Општина Охрид, отстапува на времено користење простор лоциран во поранешната „Стара касарна„ во Охрид, запишан во ИЛ бр. 95189 добиен на трајно користење со Одлука на Владата бр. 44-7650/2 од 25.09.2018 година. Просторот се отстапува за потребите на Младинскиот центар на општина Охрид. Периодот на користење на просторот кој е предмет на оваа одлука ќе биде 3 (три) години.
Младинскиот центар е место каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите, согласно член 22 од Законот за младинско учество и младински политики.
Висината на финансиските средства кои треба да бидат обезбедени од Буџетот на општина Охрид треба да бидат во процентуална вредност од 50 до 70% од потребните средства за реализација на поднесената програма за работа на Младинскиот центар Охрид, но не повеќе од 200.000,00 денари годишно.
Општина Охрид преку Јавен повик кој ќе биде објавен на веб страната на општината и во средствата за јавно информирање, на транспарентен начин ќе изврши избор на младинска организација или организација за млади регистрирана во регистарот на младински организации и организации за млади кој го води Агенцијата за млади и спорт, која ќе раководи и управува со Младинскиот центар Охрид за период од 3 години.
Оваа обврска за општина Охрид произлеува од: член 22 од Законот за младинско учество и младински политики (Сл. Весник на РМ 10/20), како и од Правилникот за стандарди и квалитет на младинските центри бр. 12-92/1 од 07.04.2021 година донесен од страна на Агенцијата за млади и спорт.