Градоначалникот Константин Георгиески заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, денеска направија увид на пумпните станици „Љубаништа“, „Црн Дрим – Св. Наум“ и „Трпејца“ кои беа комплетно реконструирани.
Целта на оваа инвестиција е да се обезбеди поквалитетно, навремено, економично и енергетски ефикасно водоснабдување на жителите од крајбрежните села и населби, како и да се подобрат условите за сместувачките капацитети, кои гравитираат на овој дел од брегот на Охридското Езеро.
Вкупната вредност на реконструкцијата на трите водоводни постројки изнесува 4.120.000 денари, а средствата се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во соработка со Општина Охрид и ЈП „Водовод“.
Покрај поставувањето на новите пумпи, извршена е и целосна замена на електричната и водоводна инсталација во објектите. Реконструкцијата е извршена согласно стандардите и одобренијата за водоснабдување. Според пресметките, со замена на пумпите, ќе се остваруваат големи годишни заштети за потрошена електрична енергија и значително ќе се намалат трошоците за редовно одржување.
Исто така, со средства одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во износ од околу 7 милиони денари, Општина Охрид започна со изработка на Урбанистички планови за охридските села: Велгошти, Горно Лакочереј, Орман, Вапила, Љубаништа, Трпејца, Косел, Рамне, Сирула, Елшани, Лескоец, Опеница, Куратица, Лагадин, Долно Коњско, Долно Лакочереј, Подмоље и Горно Коњско. Со урбанистичкото планирање на руралните населени места се овозможува унапредување на условите за живеење и развој на туризмот.
Градоначалникот Георгиески заедно и директорот Бачовски разговараа и за идните можности за соработка на нови заеднички проекти, кои се од големо значење за населeните места во Охридскиот регион.