ФИНИШИРА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА УЛИЦАТА „АБАС ЕМИН“

Финишираат градежните активности од проектот за реконструкција на улицата „Абас Емин“. Денеска се поставува првиот асфалтен слој на целиот потег на коловозот до крстосницата со улица „Железничка“, каде што комплетно беа завршени градежните активности за поставување на подземната инфраструктура.

Претходната седмица се поставуваше втор асфалтен слој на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улица „Охридска бригада“. Паралелно со асфалтирањето се врши уредување на тротоарите од двете страни на улицата, се поставуваат рабници и се врши нивелирање на шахтите.

Согласно предвидената динамика, во рамки на првата фаза од проектот за реконструкција, по целата должина на улицата беа поставени нови цевководи од главната линија на атмосферската, фекалната и водоводната мрежа со ископ во длабочина од 3,5 метри и ширина од 2 метри и беше извршено комплетно преприклучување на корисниците. Исто така, беа реализирани сите потребни активности за соодветно тампонирање на подлогата.

Комплетната реконструкција на улицата „Абас Емин“ се очекува да биде завршена за десетина дена. Со реализацијата на овој сложен инфраструктурен проект, конечно се решава еден децениски проблем за жителите на овој дел на градот и се обезбедуваат услови за побезбеден сообраќај во Охрид.