Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска ја лансираа кампањата „За моментите на среќа – Вакцинирај се!“.
Кампањата има за цел да ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата како начин за лична и колективна здравствена заштита од КОВИД-19, да ја зголеми одговорноста и свесноста кај населението за важноста од вакцинирање, да ги разбие сите митови, невистини и дезинформации поврзани со вакцините и следствено на тоа да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат, да се заштитат себеси и блиските и да дадат придонес кон колективното здравје и што побрза стабилизација на состојбата.
„Се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот Сарс-Ков 2. Овие мутации, заедно со четвртиот бран во кој се наоѓаме и антиваксерското дезинформирање на населението, недвосмислено ја укажуваат потребата од масовно точно информирање за вакцинирањето. Тоа е пред се наша одговорност. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста и смртен исход од вирусот. Граѓаните мора да ги имаат точните, проверени, стручни информации за вакцините, за да се поттикнат промени во однесувањето и прифаќањето на масовната вакцинација, како би се запрел прогресот на пандемијата“, истакна премиерот Заев по повод почетокот на кампањата „Вакцинирај се!“.
Премиерот потенцираше дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување како и смртен исход од болеста.
„Повикот на кампањата е едноставен и јасен – Вакцинирај се! Да ја прифатиме и да се отповикаме на повикот за масовна вакцинација за безгрижно детство и среќни училишни денови во пресрет на новата учебна и академска година. Повикот – Вакцинирај се! – е за да се вратат артистите на сцените и за да ги поздравиме нивните остварувања и изведби со масовно присуство и долготрајни аплаузи, во безбедни средини, без да се грижиме дали некој ќе ни пренесе вирус од кој ќе завршиме во болница или полошо. Сите посакуваме да се вратиме како публика во спортските арени за да ги славиме успесите на нашите спортски амбасадори и пораката за сите нас е – Да се вакцинираме“, нагласи претседателот на Владата Зоран Заев.
Тој се осврна и на безбедноста на вакцините и истакна дека тие се безбедни и дека само со вакцинација на населението ќе го сочуваме колективното здравје.
„Вакцините се единствениот начин да имаме извесна иднина. Да ја дигнеме на нозе економијата и да ги јакнеме работните места. Да ги одмориме лекарите, медицинските сестри и болничарите, за да можат да се вратат на својот редовен начин на работа.
Вакцините се единствениот начин да спречиме повеќе губење на човечки животи. Неприфатливо е да не го применуваме тоа решение“, порача премиерот Заев на промоцијата на кампањата „Вакцинирај се!“
Кампањата „Вакцинирај се!“, има за цел и да им го сврти вниманието на граѓаните кон потребата да бидат внимателни кога до нив стигаат информации и вести кои не почиваат на вистина и на факти и во таа насока беа дел од поентите на министерот за здравство Венко Филипче.
„Преку оваа кампања меѓу другото ќе се бориме и против низа дезинформации кои се уште циркулираат и ги збунуваат и заплашуваат граѓаните. Наша цел е како и досега да ја испратиме вистинската информација и да ги разбиеме митовите и невистините околу вакцините. Во ова сакам да ни помогне секој кој смета дека вакцинацијата е единствен излез од пандемијата. Во оваа кампањата ќе побараме поддршка од сите лекари, експерти, јавни личности, локални лидери и авторитети и сите кои сакаат да се вклучат и ја пренесат пораката – Вакцинирај се!“, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Тој издвои и повеќе факт за интересот за вакцинација кај населението кој секојдневно се зголемува, но потенцираше дела сѐ уште сме далеку од потребниот опфат со вакцинација на населението за стабилизација на состојбата и излез од кризата.
„Би сакал посебно да им се обратам на младите кои се категорија која сѐ уште е вакцинирана во мал процент. Вакцинирајте се и заштитете се себе но и најблиските. Никој не е целосно заштитен и сигурен, иако младите често поминуваат полесно, имаме за жал и тешки случаи кои мора да ги превенираме“, нагласи министерот за здравство.
Филипче апелираше граѓаните да се вакцинираат како единствен најсигурен и безбеден начин да се заштитат себе си и целата заедница. Министерот уште додаде дека по вакцинацијата е потребно време за имунолошкиот систем да одговори и да создаде имунитет до конечен крај на пандемијата, здравствените мерки и протоколи и натаму остануваат важна алка во целиот систем и борба против КОВИД-19.
„Почитувањето на актуелните мерки и протоколи, во комбинација со вакцинација, многу побрзо ќе придонесе до крај на пандемијата“, потенцираше министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата на која заедно со претседателот на Владата Зоран Заев ја започнаа кампањата „Вакицинирај се!“.
Обраќање на ПВРСМ Заев на промоцијата на кампањата „Вакцинирај се!“
„Од денеска за започнува нашата кампања, која е од исклучителен јавен интерес за потребата од масовна и успешна вакцинација за имунизација и за заштита на граѓаните на нашата земја од КОВИД-19.
Се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот САРС-КОВ-2. Овие мутации, заедно со четвртиот бран во кој се наоѓаме и антиваксерското дезинформирање на населението, недвосмислено ја укажуваат потребата од масовно точно информирање за вакцинирањето. Тоа е пред сѐ наша одговорност.
Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста, и смртен исход од вирусот.
Граѓаните мора да ги имаат точните, проверени, стручни информации за вакцините, за да се поттикнат промени во однесувањето и прифаќањето на масовната вакцинација, како би се запрел прогресот на пандемијата.
Новиот пик и новиот делта сој потврдуваат дека една од најсуштинските мерки која може да даде добри резултати за спречување на ширењето на вирусот е масовната имунизација на населението.
Во суштината на новите мерки што ги донесе Владата лежи токму оваа цел. И тие даваат ефект. Погледнете ги бројките од кога се најавија мерките. Имаме преку 1,2 милиони аплицирани дози до сега.
Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување како и смртен исход од болеста.
Тоа е патот кој ќе нѐ доведе до поголем опфат на заштитени граѓани, а со тоа и до намалување на степенот на ширење на вирусот.
За да го поттикнеме овој тренд дополнително и да ги охрабриме граѓаните да продолжат масовно да се вакцинираат, ја лансираме оваа кампања за да ги видиме повторно широките насмевки на лицата – без маски и за топлите прегратки што ни недостасуваат.
Повикот на кампањата е едноставен и јасен – Вакцинирај се!
Да го прифатиме повикот за масовна вакцинација за безгрижно детство и среќни училишни денови во пресрет на новата учебна и академска година.
Таа ни беше мислата водилка кога ги носевме последните мерки. Да се стави под контрола бранот, да се ограничат возрасните за сметка на физичката настава на децата и младите.
Повикот „Вакцинирај се!“ е за да се вратат артистите на сцените и за да ги поздравиме нивните остварувања и изведби со масовно присуство и долготрајни аплаузи, во безбедни средини, без да се грижиме дали некој ќе ни пренесе вирус од кој ќе завршиме во болница или полошо.
Сите посакуваме да се вратиме како публика во спортските арени за да ги славиме успесите на нашите спортски амбасадори и пораката за сите нас е – Да се вакцинираме.
Веќе ги забележуваме првите големи ефекти од мерките – Драстично порасна бројот на заинтересираните граѓани да се вакцинираат.
Надминавме 1,2 милиони аплицирани дози вакцини. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
Вакцини има доволно од сите производители и количините постојано се надополнуваат со нови пратки.
Сите вакцини се безбедни и само со вакцинација на населението ќе го сочуваме колективното здравје.
Ова е единствениот начин да почнеме повторно да живееме безгрижно и без ограничувања.
Вакцините се единствениот начин да имаме извесна иднина. Да ја дигнеме на нозе економијата и да ги јакнеме работните места. Да ги одмориме лекарите, медицинските сестри и болничарите, за да можат да се вратат на својот редовен начин на работа.
Вакцините се единствениот начин да спречиме повеќе губење на човечки животи. Разбирливо беше кога светот не знаеше ништо за вирусот, но денеска не само што знаеме повеќе туку има и решение за да се спречи брзата загуба на човечки животи. Неприфатливо е да не го применуваме тоа решение.
Сите сакаме да си го вратиме спокојот и нормалното функционирање. И затоа сите мора да направиме чекор кон таа цел. А тоа може да се постигне само кога ќе имаме имунизирано население, заштитено од девастирачките последици на вирусот.
Почитувани сограѓани,
Според динамиката со којашто бројот се зголемува, пред нас е период во коишто ситуацијата може да биде навистина критична.
Поголемиот број на нови случаи заболени од коронавирус е најизразен во градовите со помал опфат на вакцинирани граѓани, за разлика од средините каде што има имунизацијата со вакцини достигнала 50 или повеќе проценти.
Смртните случаи и воглавно оние случаи со потешки форми, се невакцинирани.
Сосема мал е бројот на заразени помеѓу вакцинираните граѓани и сите тие се со лесна клиничка слика.
Вакцината е безбедна, граѓани немаат никакви компликации и ова е доказ дека е ефективна. Без разлика за која вакцина станува збор.
Сакам да им упатам неколку пораки и на нашите сограѓани антиваксери.
Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот.
Фактот што дури 90% од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините.
Вакцините освен што се ефикасни, се исто така безбедни. Преку 1.2 милиони дадени дози кај нас, без посериозни компликации или несакани ефекти кај ниту еден граѓанин, се непобитен доказ за нивната безбедност.
Обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки.
Во целиот свет е така, вакцинацијата е најсигурна заштита од вирусот и е единствениот начин да излеземе од пандемијата и да го вратиме назад животот во нова нормалност.
Кампањата „Вакцинирај се!“, има за цел и да им го сврти вниманието на граѓаните кон потребата да бидат внимателни кога до нив стигаат информации и вести кои не почиваат на вистина и на факти.
До сега кампањи на тема вакцинација водеа и Европската Комисија, УНИЦЕФ, невладини организации, индивидуалци кои сите го кренаа својот глас за здравје. Подвлекувам секој глас за вакцина е глас за спас на живот. Вакцината е заштита за целата планета.
Затоа апелирам: Да ја прифатиме пораката на кампањата што ја отпочнуваме денеска – Вакцинирај се!
За да ги вратиме моментите на повторна дружба без ограничувања.
Да се вакцинираме за да се собереме повторно околу нашето одложено секојдневие и околу традициите што ги негуваме.
Да се вакцинираме за да се вратиме на старото нормално.
Благодарам.“