Полицијата сослушала поголем број лица кои се сомничат за делење пари во избори

Полицијата во Охрид сослушала неколку десетици лица кои се под сомнеж дека делеле пари во замена за гласови за една опозициска партија – брифираат за „Охрид 1“ извори од СВР Охрид, а информацијата ја потврдуваат и од партијата.

Дел од лицата кои вчера и денес биле повикани на разговори во полиција биле вработени во администрацијата на Општина Охрид, а некои се вработени во државни институции, па дури и инспекциски служби.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски до овој момент преку официјално соопштение не ја има информирано јавноста за оваа активност и лицата кои се испитани за делење поткуп во избори.

Делењето поткуп во избори и другите кршења на Законот во Македонија се третират како тешки кривични дела со запретена казна затвор до 10 години.

ИЗБОРИТЕ ДО СЕГА ПОМИНАА СКАНДИНАВСКИ

Инаку барем во медиумите изборите во Охрид до сега поминуваат не запамтено мирно и демократски. Кандидатите за градоначалник во јавно кажаниот збор одржуваат до сега не забележано високо ниво на политичка култура. Прв пат после 30 години нема навреди, омаловажувања и клевети, медиумите не добиваат по 20 соопштенија , реакции и контра реакции на ден, а нема ни црни кампањи со инволвирање на личните и приватните животи на кандидатите, или луѓето од штабовите или нивните семејства ( нешто што сме го гледале во поголеми количини на минати локални избори кога се нарачуваа медиумски линчови и шиканирања на цели фамилии ).