ИЗБРАНИ НАЈДОБРИТЕ ОХРИДСКИ СПОРТИСТИ ЗА 2021 ГОДИНА

Градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на свечениот настан „Најдобрите од спортот за 2021 година” што доцна попладнево се одржа во големата сала на Општина Охрид.
Во своето обраќање при доделување на наградите на најдобрите спортисти градоначалникот Пецаков истакна:

– Како долгогодишен спортист и голем љубител на спортот познато ми е тоа неописливо чувство на радост и на гордост, по добиен натпревар и победнички резултат. Тоа е чувство што влева надеж, дава сила и нова желба за уште повисоки цели, за уште поголеми триумфи. Спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост на верната публика и на сите нас. Токму затоа ми е особено драго што денеска за прв пат, под покровителство на Локалната самоуправа се организира еден ваков настан, на кој ќе им оддадеме признание на Најдобрите спортисти во Охрид. Со тоа што ги вреднуваме нивните важни успеси и симболично ќе ги наградиме нивните постигнувања, сакаме да испратиме порака за афирмација на спортот и создавање на уште подобри услови за развој на сите спортски дисциплини во иднина. Со својот незапирлив спортски дух, нашите спортисти победуваат, освојуваат награди, а ние сме тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми успеси. Драго ми е што Општина Охрид дава поддршка и има значаен удел во голем број спортски приказни. Нашата поддршка продолжува и во иднина. Во текот на оваа 2022 година во општинскиот буџет издвоени се 29 милиони и 200 илјади денари за поддршка на спортските клубови, спортски настани и за развој на спортските школи. Почитувани спортисти, вие сте нашите најзначајни амбасадори, па затоа искрено Ви благодарам што го претставувате Охрид во најубаво светло. Упатувам честитки до клубовите, до тренерите, до родителите и до семејствата кои ја даваат својата несебична поддршка, затоа што таа е најзначајниот удел во една спортската кариера. Легендарниот светски спортист Мајкл Џордан рекол „Препреките не треба да Ве спречуваат. Ако дојдете до ѕид, не свртувајте се и не се откажувајте. Пронајдете начин како да го искачите, да поминете низ него или да го обиколите“. Јас Ви посакувам секогаш да ги надминувате сите препреки, постојано да имате храброст за нови предизвици и да достигнувате големи победи.Се надевам дека оваа манифестација ќе стане дел од една нова спортска традиција, затоа што Охрид заслужува да има врвен спорт и да остави силен печат во спортската историја. Уште еднаш, од срце им честитам на добитниците на овие јавни признанија! Се надевам дека наредната година ќе можеме да прославиме во посвечени услови, да се радуваме и да наздравуваме за уште многу значајни спортски успеси- рече градоначалникот Пецаков.

Наградите беа доделени на неколку спортисти во различни категории: Охридска спортска надеж (мажи)- Симон Петрески (карате); Охридска спортска надеж (жени)- Јана Димоска (атлетика); Спортист од друго населено место или странец кој настапува во екипа од Охрид- Јован Стојоски (атлетика);Спортист/ка од Охрид кој настапува надвор од територијата на Општина Охрид (двајца добитници) се Петар Бошалески (кошарка) и Габриела Модева (кошарка);

Спортска екипа на годината- ГРК Охрид; Спортски подвиг на годината- Марко Пејчиновски (пливање); Спортска легенда за посебни заслуги во спортот (постхумно)- Алексо Огненовски (бокс) и Спортист на годината- Дејан Ангелоски (планинско трчање).

Покрај градоначалникот Кирил Пецаков, наградите ги врачија и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, советникот Наум Јамандиев и Јоне Станкоски.