Претседателката на Управниот одбор на Турското здружение за анестезиологија и реанимација, проф. д-р Мерал Канбак, предупреди дека долготрајната употреба на парацетамол, што е вклучен во лековите против болки и снижување на температурата, може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар кај лицата со висок крвен притисок, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод 16 Октомври, Светскиот ден на анестезијата, таа потсети дека овој ден се одбележува секоја година поради откривањето на анестезијата, што им овозможува на пациентите да се подложат на хируршки зафати без никаква физичка болка.
Истакнувајќи дека по потреба треба да се консултираат специјалисти за анестезиологија и реанимација кои обезбедуваат контрола на болката во широк спектар на области како што се хроничните болести, постоперативната болка и болката од рак, Канбак рече дека неконтролираната употреба на лекови против болки може да предизвика сериозни здравствени проблеми.
Канбак наведе дека според Извештајот за следење на фармацевтскиот пазар за 2020 година, објавен од Турската агенција за лекови и медицински средства, турскиот фармацевтски пазар има продажна вредност од 50,39 милијарди лири, а обемот на продажба на лекови пораснал на 2,27 милијарди кутии.
„Додека соодносот на лековите со својства за ублажување на болката достигна 35 отсто, следуваат оние лекови што се користат во лекувањето ревматизам и антиинфламаторните лекови со 30,2 отсто. Лековите против болки се најпродаваниот лек во Туркије. Меѓутоа, долготрајната употреба на парацетамолот кај лицата со висок крвен притисок може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар. Затоа овие лекови мора да се користат под контрола на стручни лица“, рече Канбак.
извор: Агенција Анадолија (АА).