Властите на Крит предупредуваат на сѐ поголемото присуство на отровни риби кои може да предизвикаат дури и ампутација на деловите од телото на човекот.
Рибарите исто така изразуваат голема загриженост поради порастот на популацијата на сребрена риба пуферица во водите на Додеканез и Крит и наведуваат дека риболовот и туризмот се загрозени.
Овие риби кои првпат биле забележани пред 20 години, се закануваат целосно да го оневозможат риболовот, а рибарите ја повикуваат државата и регионот Крит да ги известат туристите за да бидат внимателни и истовремено да ја финансираат „борбата со рибата“ затоа што штетите по морската средина веќе се огромни.
Јанис Андрулакис, претседател на префектурата Хераклион, наведува дека забележан бил голем број на несреќни случаи кои ги предизвикал овој вид на риба која по потекло е од Индискиот океан.
„Веќе им кажавме на властите на регионот Крит да ги известат туристите за оваа риба затоа што е агресивна. Може да се појави на 20 места околу Крит… Дали се сеќавате на случајот со детето во Ситија кое го гризна оваа риба пред една година и пол? Детето мораше да оди на операција. Имавме уште еден случај на Калимнос. Досега имаше осум несреќни случаи. Тоа се само случаи за кои се слушнало, веруваме дека ги има многу повеќе, но наводно се кријат од јавноста за да се заштити туризмот“, тврди Андракулис.
Директорот на истражувањата во националната лабораторија Горгос Церпес исто така потврдува дека имало напади од оваа риба на капачите.
„Некои напади завршија со ампутација. Рибата на пример на еден човек му откина парче од прстот додека пливал. Имавме и такви ситуации. Човекот може да види дека нешто сјае и се движи. Затоа добро е да бидете внимателни“, наведува Керпес.
Оваа риба пристигнала до Медитеранот преку Суецкиот канал.
Да ве потсетиме, станува збор за исклучително отровен и смртоносен вид којшто во мускулите, половите жлезди, црниот дроб и кожата содржи моќен термостабилен отров тетродотоксин.
Нејзиното консумирање е забрането во земјите од ЕУ, но во Јапонија е гастрономски специјалитет познат како „фугу“ кој поради смртоносниот отров се подобрува со посебни процедури. Се смета дека овој термостабилен отров е неколку стотици пати помоќен од цијанид.