И ГОЛЕМИТЕ МАЈМУНИ СТАВЕНИ ВО КАРАНТИН НИЗ СВЕТОТ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ

Големите мајмуни се ставени во карантин низ светот поради заканата од коронавирусот. Горила туризмот во Африка е суспендиран, а засолништата за други видови, како орангутани, исто така се затворени за јавност.

Засега не е познато дали големите мајмуни можат да се заразат со коронавирус, но постои загриженост дека тие се еднакво загрозени како луѓето.

„Не знаеме дали планинските горили можат да се заразат, засега нема докази за тоа. Но, бидејќи се подложни на човечки патогени, знаеме дека тие можат да развијат респираторни заболувања“, вели д-р Кирстен Гиларди, главен ветеринар во организацијата „Горила докторс“, која обезбедува ветеринарна грижа за горилите во Руанда, Уганда и Демократска Република Конго.

Планинсите горили се загрозен вид мајмуни, кои живеат само во шумите во овие три африкански држави.

И пред избувнувањето на пандемијата, од посетителите се бараше во секое време да бидат најмалку седум метри од горилите, при што се забрануваше пристап на сите лица кои биле болни или имале контакт со болна личност во претходните 14 дена.