Повеќе од 400.000 нови случаи на инфекција со коронавирус се пријавени ширум светот во изминатите 24 часа, што е рекорд, според податоците што редовно ги собира Франс Прес.
Пријавени се 404.758 нови инфекции и 6086 нови смртни случаи од ковид-19.
Ова зголемување на бројот на заразени делумно се објаснува со зголемениот број на тестови во споредба со првиот епидемиски бран во март и април.
Во Европа, но и во САД и Канада, бројот на дијагностицирани нагло се зголеми за една недела, на 44, односно 17 проценти, во споредба со претходната недела.
Во Европа, најголемиот број на потврдени нови инфекции од почетокот на пандемијата е вчера со повеќе од 150.000 нови инфекции на континентот.
Бројот на потврдени жртви на ковид-19 во Европа сега е значително помал отколку во првиот бран, кога во просек имало повеќе од 4.000 смртни случаи на ден.
Сепак, по забавувањето ова лето, кога имаше помалку од 400 смртни случаи на ден во јули, просечниот број на смртни случаи се зголемува од минатата недела на околу 1.000 на ден.
Во Соединетите држави, бројот на новоинфицирани падна во септември, откако достигна врв во средината на јули, но повторно почна да расте. Така, во изминатите седум дена, во просек беа потврдени повеќе од 50.000 нови инфекции на ден, а врвот е достигнат вчера со повеќе од 70.000.