Пакистанскиот парламент го одобри новиот закон против силување што на судовите им дозволува да наредат хемиска кастрација за некои престапници и предвидува формирање специјални трибунали за итни судења, јави ДПА.
Законот предвидува престапниците повратници, криминалците вклучени во групно силување и педофилите да се соочат со хемиска кастрација, казни што групите за правата на човекот и адвокатите ги оценуваат за сурови.
ДПА пренесува дека владините агенции, согласно новиот зкаон, ќе треба да основаат база на податоци за силувачите, а судовите ќе треба судењата да ги завршуваат во рок од четири месеци.
Пакистан првпат го спроведе ваквиот закон во декември минатата година и тоа преку претседателски декрет. Парламентот вчера го усвои законот, и покрај критиките од телата за правата на човекот и повиците на адвокатите за преиспитување на ваквиот тип казни.
Законот се смета за кулминација на националниот гнев и како одговор на групното силување на една мајка пред нејзините деца на еден од главните автопати во земјата. Силувањето и подоцнежното обвинување на жртвата од страна на висок полициски офицер минатата година предизвика протести и онлајн повици за строг закон.
извор/фото: агенции