Грчките власти денеска соопштија дека заплениле рекордни 1,1 тони хероин во близина на Атина и уапсиле 11 лица осомничени за шверц на наркотици.
Вредноста на запленетата дрогата на нарко пазарот изнесува над 30 милиони евра.
Грчката крајбрежна стража соопшти дека операцијата е спроведена по сигнал и во координација со американската Агенција за борба со дрога.
Осомничените шестмина Грци и петмина странски државјани се уапсени доцна синоќа. Крајбежната стража не ја прецизираше националноста на приведените странски државјани.
Во соопштението се наведува дека наркомрежата дејствувала од магацин, источно од Атина и го разнесувала хероинот со камиони во Грција и во други европски држави.
Германската аренција ДПА јави дека дрогата е пронајдена во два магацини и била распоредена во 443 пакети. Меѓу уапсените Грци се и познат бизнисмен од поморскиот сектор, неговата сопруга и нивниот 15-годишен син. Нивниот идентитет не е соопштен.
Грчкиот министер за трговска морнарица Милтиадис Варвициотис изјави дека ова е најголемо количество хероин, некогаш запленето во Грција.